Нови детали се познати за случајот во кој 77-годишен пешак бил прегазен на автопатот Градско-Велес, кај местото викано „Штипска клучка“, а возачот на возилото го напуштил местото на несреќата.
Од МВР информираат дека на 5 октомври 2026 година, околу 05:30 часот, во Секторот за внатрешни работи Велес било пријавено дека на автопатот Градско-Велес патничко возило удрило во пешакот С.М. (77) од велешкото село Мамутчево.
По ударот, возачот продолжил да се движи со возилото и го напуштил местото на несреќата.
Од здобиените повреди, пешакот починал на самото место. Лекар излегол на терен и ја констатирал смртта.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено во Судска медицина, каде што ќе биде извршена обдукција.
На местото бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес.
Од полицијата велат дека се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности под кои се случила несреќата.
По завршувањето на постапката, до надлежните органи ќе биде поднесена соодветна пријава.






