Финансиските друштва за брзи кредити ќе мора да им вратат над 140 милиони денари, односно повеќе од 2,2 милиони евра, на над 26.000 граѓани низ Македонија, по спроведените контроли на Државниот пазарен инспекторат.
Владината портпаролка Марија Митева соопшти дека со инспекциските надзори биле опфатени сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјата.
Кај 18 од нив биле утврдени нечесни трговски практики и нечесни договорни одредби при одобрувањето потрошувачки кредити, поради што биле издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари.
Незаконски наплатувале и опомени за доцнење
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, откри дека кај 12 финансиски друштва било утврдено незаконско наплатување известувања и опомени поради доцнење со плаќањето на достасаните обврски.
Кај две поголеми финансиски друштва со повеќе експозитури биле констатирани и неправилности во водењето на сметководствената евиденција, за што било известено Министерството за финансии.
Кога граѓаните ќе ги добијат парите?
За враќање на средствата се утврдени рокови од 30, 60 или 90 дена, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи.
Казните за утврдените прекршувања се движат од 2.000 до 10.000 евра по изречена мерка, а кај одредени друштва биле констатирани повеќе законски прекршувања.
Имињата на финансиските друштва засега не се објавуваат, бидејќи сè уште се спроведуваат последователни инспекциски надзори.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека профитот на компаниите не смее да се гради врз финансиската немоќ на граѓаните и дека Владата нема да толерира практики што се на нивна штета.










