Две лица од Берово се соочуваат со кривични пријави откако полицијата при претреси во нивните домови и други простории открила големо количество предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од повеќе кражби. Меѓу пронајденото има 16 уметнички слики, златен и сребрен накит, часовници, мобилни телефони и околу 8.000 евра во готовина.
Станува збор за Ј.М. (50) и Б.М. (45), двајцата од Берово, против кои се поднесени кривични пријави за сомнение за сторени повеќе кривични дела.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 25 ноември полициски службеници, врз основа на претходно добиени оперативни сознанија и со судска наредба, извршиле претреси на три локации, односно во домовите и другите простории што ги користеле пријавените.
При акцијата биле пронајдени и одземени 16 уметнички слики, златен и сребрен накит, часовници, разновидна бижутерија, платежни картички, повеќе мобилни телефони, како и парични средства во износ од околу 8.000 евра. Полицијата се сомнева дека дел од предметите и парите потекнуваат од повеќе извршени кражби и тешки кражби.
Но, тоа не било единственото откритие при претресите. Полициските службеници пронашле и 26 фалсификувани банкноти од по 50 евра, сите со ист сериски број. Вкупната вредност на лажните банкноти изнесувала 1.300 евра.
Дополнително, во текот на истрагата бил расчистен и случај поврзан со неовластено користење туѓи банкарски картички.
Според МВР, пријавените со две платежни картички што им припаѓале на други лица подигнале вкупно 50.000 денари од банкомати. Поради тоа, тие се поврзуваат и со кривичното дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Против двајцата беровчани се поднесени кривични пријави за повеќе кривични дела, а пронајдените и одземени предмети се дел од доказниот материјал во постапката.





