Пензионерите во Македонија на почетокот на декември, односно во вторник на 1 декември, ги очекуваат ноемвриските пензии, а дел од нив би можеле да располагаат со своите средства и ден порано – уште во понеделник, на 30 ноември. Во меѓувреме, најавите за буџетот за 2027 година отвораат реална можност за ново зголемување на пензиите во текот на следната година.
Според редовната динамика на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, исплатата на пензиите се реализира на почетокот на месецот, па 1 декември 2026 година е официјалниот термин за редовна исплата.
Сепак, дел од граѓаните парите ќе ги добијат предвреме. Шпаркасе банка веќе воведе практика со која пензиите на своите клиенти ги исплаќа на 30-ти во тековниот месец. Засега нема официјална потврда дали и Комерцијална банка и Стопанска банка ќе постапат исто за ноемвриските пензии, бидејќи тие своите соопштенија ги објавуваат ден пред самата исплата. Пензионерите можат да ја проверат состојбата на сметките преку банкомат, мобилно и електронско банкарство или на банкарските шалтери.
Во 2027 година се планирани 91 милион евра повеќе за пензии
Освен декемвриската исплата, големо внимание привлекуваат и буџетските проекции за следната година, кои предвидуваат сериозно зголемување на средствата наменети за пензискиот систем.
За исплата на пензиите во 2027 година се планирани 123,8 милијарди денари, односно околу 2,01 милијарда евра. Тоа претставува зголемување за 5,6 милијарди денари, или приближно 91 милион евра повеќе во споредба со буџетот за 2026 година. Овие податоци вчера на прес-конференција ги презентираше пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.
Поголемата буџетска ставка отвора простор за ново покачување на пензиите во 2027 година, но од надлежните институции допрва се очекуваат конкретни детали за точниот износ и датумот на евентуалната корекција.
Швајцарија воведува 13-та пензија – треба ли и Македонија да го следи овој пример?
На 1 декември 2026 година, швајцарските пензионери за првпат ќе ја добијат својата 13-та пензија, откако граѓаните на референдум ја поддржаа оваа мерка со 58,2 отсто од гласовите.
Ваквите светски практики повторно го актуелизираат прашањето дали и во Македонија треба да се воведе слична мерка – исплата на дополнителна, барем минимална пензија на крајот од годината како вид годишен бонус што би им ги олеснил зимските трошоци на највозрасните граѓани.






