Полициски службеници од ОВР Радовиш лишиле од слобода 35-годишен жител на селото Бучим, откако при преглед на неговото возило биле пронајдени 14.440 евра во различни апоени, за кои, според МВР, тој не приложил доказ за потеклото.
Полицајците претходно на магистралниот пат Радовиш–Штип забележале автомобил „ауди“ со радовишки регистарски ознаки, управуван од М.В. (35). За него од надлежен суд веќе била определена мерка на претпазливост – забрана за напуштање на домот, поради сомнение за кривично дело поврзано со неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Возилото било запрено кај крстосницата за селото Бучим, каде при извршениот преглед полицијата ги пронашла парите.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки М.В. бил задржан во Полициската станица Радовиш.
Следниот ден тој бил изведен пред судија од Основниот суд Гевгелија, кој му определил 30-дневен притвор, по што бил спроведен во КПУ „Затвор Скопје“.
ОВР Радовиш, по насоки на јавен обвинител, продолжува со преземање мерки за утврдување на потеклото на парите и сите околности поврзани со случајот. Постапката се води поради сомнение за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.







