ПРВ.мк
Македонија

Г.г. Стефан со силна илинденска порака: „Македонија постоела и постои“

Г.г. Стефан со силна илинденска порака: „Македонија постоела и постои“

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, по повод Илинден испрати послание во кое нагласува дека трите Илиндена претставуваат трајно сведоштво за постоењето и истрајноста на македонскиот народ.

Во пораката се истакнува дека Илинден не е само историски датум, туку симбол на верата, слободата, жртвата и достоинството. Архиепископот потсетува дека слободата е стекната со големи жртви и дека таа мора постојано да се чува и брани.

Осврнувајќи се на историјата, г.г. Стефан посочува дека првиот Илинден од 1903 година ја означил борбата за слобода, вториот – АСНОМ во 1944 година го потврдил правото на сопствена држава, додека третиот Илинден во 1991 година донел независност.

Во посланието се нагласува дека Македонија постоела и постои, а нејзиниот дух живее во срцата на нејзините чеда. Истовремено се упатува повик до народот за покајание, враќање кон верата, правдата, честа и достоинството, како и за надминување на поделбите и зачувување на националното единство.

Архиепископот потсетува и на историската улога на Македонската православна црква, која, како што наведува, во периодите кога народот немал своја држава, ја чувала не само православната вера, туку и писменоста, културата и националната свест.

На крајот од Илинденското послание, г.г. Стефан упатува молитва за сите што ги положиле своите животи за слободата на Македонија и повикува сегашните и идните генерации да ги негуваат илинденските идеали, да ја чуваат верата, Црквата, Татковината и националната посебност.

„Честит и вечен Илинден!“, се вели во пораката на поглаварот на МПЦ-ОА.