Полицијата поднела кривична пријава против 43-годишен жител на општина Конче и против правен субјект од Радовиш, поради сомнежи за злоупотреба на службена положба, фалсификување документи и незаконско стекнување имотна корист во значителен износ.
Според информациите од СВР Струмица, пријавениот С.К., кој бил одговорно лице во фирмата, изготвувал фиктивни испратници за наводна продажба на дрвни сортименти. Во документите биле наведувани непостоечки купувачи, без адреси за испорака, што укажува на фиктивни трансакции во работењето со огревно дрво.
Истрагата покажала дека во одредени случаи биле правени и измени во количините и видот на дрвната маса, со што се создавала разлика меѓу прикажаното и реално испорачаниот материјал. На тој начин, според полициските наоди, бил овозможен промет на незаконски стекната дрвна маса од 173,31 кубни метри, со што е остварена противправна корист од 864.262 денари.
Дополнително, при контрола на 27 испратници биле утврдени значителни разлики меѓу евидентираните и фактички испорачаните количини. Наместо прикажаните 46 кубни метри, на терен биле испорачани 149 кубни метри огревно дрво. Со продажбата на дополнителните 103 кубни метри, според истрагата, била остварена дополнителна противправна корист од 566.500 денари.
Во рамки на истражните дејствија било утврдено и дека С.К. фалсификувал потпис на овластено лице во делот за одговорно лице на испратниците, по што документите биле користени како валидни во правниот промет.
Според проценките на полицијата, со овие дејствија е остварена вкупна противправна имотна корист од 1.430.762 денари, а случајот понатаму се расчистува.








