ПРВ.мк
Свет

ОВАА ДРЖАВА РАЗМИСЛУВА ЗА РАБОТА ОД 12 ГОДИНИ: Недостигот на работници отвора нова дебата за децата и трудот!

ОВАА ДРЖАВА РАЗМИСЛУВА ЗА РАБОТА ОД 12 ГОДИНИ: Недостигот на работници отвора нова дебата за децата и трудот!

Русија размислува за можноста да ја намали минималната возраст за работа на 12 години, во услови на сериозен недостиг на работна сила, проблем кој според медиумските извештаи дополнително се продлабочил по војната во Украина.

Предлогот го изнесе комесарката за правата на децата во Москва, Олга Јарославскаја, која смета дека младите треба да добијат можност за сезонска работа за време на летниот распуст. Според неа, голем број деца сакаат да работат и да заработуваат сопствени средства уште од рана возраст.

Јарославскаја предложила и враќање на т.н. работни кампови за деца и тинејџери, модел кој постоел во времето на Советскиот Сојуз. Таа смета дека таквите активности би можеле да обезбедат организирано поминување на летниот распуст, особено за семејства кои не можат да си дозволат патувања или дополнителни активности за своите деца.

Според актуелните руски закони, младите можат да започнат со работа од 14-годишна возраст со согласност од родителите, додека од 15 години можат самостојно да потпишуваат договори за вработување. Но, според предложените идеи, оваа граница би можела дополнително да се намали.

Комесарката како аргумент го навела и сопственото детство, потсетувајќи дека како ученичка работела физичка работа во тешки услови, оценувајќи дека ваквите искуства не се штетни ако се организирани.

Позадината на ваквите идеи, според анализите, лежи во демографските проблеми со кои се соочува земјата – намален наталитет, иселување на голем број млади луѓе и последиците од војната, што создаваат притисок врз пазарот на труд.

Покрај дискусиите за младинската работа, руските власти најавуваат и промени во образованието. Министерството за образование објави нова листа за летно читање, во која се вклучени дела со патриотска и воена тематика, што дополнително отвори дебата за насоката во која се движи образовниот систем во земјата.

Најнови вести