ПРВ.мк
Свет

ОВА Е НАЈНОВИОТ ПЛАН НА ЕУ: Дали Унијата би можела да порасне на 40 членки?

ОВА Е НАЈНОВИОТ ПЛАН НА ЕУ: Дали Унијата би можела да порасне на 40 членки?

Европската Унија треба да размислува многу пошироко и поамбициозно кога станува збор за идното проширување, порача претседателот на Финска, Александар Стуб, отворајќи дебата за можноста Унијата во иднина да достигне дури 40 земји-членки.

Говорејќи на конференција за енергетика во Хелсинки, Стуб оцени дека актуелната геополитичка ситуација создава ретка можност за ново позиционирање на Европа, особено во услови на војната во Украина и промените во глобалните односи.

Како потенцијални идни членки или земји кои треба да бидат многу поблиску до Европската Унија, тој ги спомена Велика Британија, Турција, Норвешка и Исланд, оценувајќи дека Европа мора да размислува стратешки за својата иднина.

Посебен акцент стави на Западен Балкан, нагласувајќи дека регионот има важно место во европските интеграции. Во тој контекст ги спомена Србија, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина како држави со кои Унијата треба дополнително да ги зајакнува врските и интеграциските процеси.

Стуб смета дека и Турција не треба да остане надвор од овие разговори, истакнувајќи дека нејзината улога е значајна од безбедносен и геостратешки аспект и дека треба да биде што е можно поблиску до европските структури.

Интерес предизвика и неговото спомнување на Канада како можен партнер или потенцијално уште потесно поврзана земја со Европа. Според него, во време на глобални промени потребни се нови модели на соработка и сојузништва.

Иако идејата за Европска Унија со 40 членки засега останува визија, а не конкретен план, финскиот претседател порача дека проширувањето останува една од најсилните европски политики и дека е време Европа да размислува „географски и амбициозно“.