Над 300 тони небезбедна храна биле спречени да се најдат во продажба и на трпезите на граѓаните, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откривајќи детали за засилените контроли и резултатите од својата работа во изминатиот период.
Информацијата беше изнесена на настан по повод 15 години од постоењето на АХВ и Светскиот ден на безбедноста на храната, каде директорот на институцијата, Оливер Миланов, истакна дека безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Според него, токму довербата на граѓаните во системот за контрола на храната претставува најголема одговорност на институцијата.
Миланов нагласи дека во текот на минатата година биле спроведени над 47.200 инспекциски надзори, при што биле изречени 6.770 мерки за утврдени неправилности. Тој посочи дека од формирањето на АХВ во 2011 година, институцијата гради систем кој треба да обезбеди безбедна храна, здравје на животните и заштита на јавното здравје.
Во своето обраќање, директорот посебно се осврна и на контролата на животинското здравје, нагласувајќи дека стабилниот систем за превенција и следење на болести е клучен за сигурен синџир на храна. Тој истакна дека во соработка со ветеринарните служби и одгледувачите се одржува висок степен на заштита и контрола.
Посебен акцент беше ставен и на инспекциските контроли во синџирот на храна – од производство до продажба. Според АХВ, покрај безбедносните ризици, сè почесто се откриваат и случаи на измами со храна, како погрешно означување, неточно декларирање на потекло или состав, што може да ги доведе потрошувачите во заблуда.
Во тој контекст, Миланов информираше дека во 2024 и 2025 година биле засилени контролите на домашниот и увозниот пазар, при што не биле дозволени повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло да стигнат до потрошувачите, како и над 287 тони храна од животинско потекло. Дополнително, биле вратени 16 пратки на границите, неколку уништени, а десетици тони небезбедна храна биле отстранети од промет.
Со овие мерки, како што наведуваат од АХВ, се зајакнува контролата и се штити правото на граѓаните да консумираат безбедна и проверена храна.








