Сериозен инцидент меѓу малолетници во Гостивар завршил со полициска пријава, откако едно дете, според пријавеното, било насилно внесено во возило и му биле упатени закани.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 9 април во Полициската станица во Гостивар од 33-годишна жена, која навела дека претходната вечер, околу 21:40 часот, на спортско игралиште во градот, по вербална расправија дошло до физичка пресметка меѓу нејзиниот малолетен син и друг малолетник.
По конфликтот, според пријавата, ситуацијата дополнително ескалирала. Наводно, родител на едниот малолетник со патничко возило „порше“ го следел детето, а потоа со сила го внел во автомобилот и му упатувал закани.
Во пријавата се наведува дека по кратко време малолетникот бил однесен до неговиот дом, каде продолжиле тензии и вербални навреди меѓу родителите.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со инцидентот.










