ПРВ.мк
Македонија

Ревизорите открија сериозни слабости во ПИОМ – доцнат огромни уплати

Ревизорите открија сериозни слабости во ПИОМ – доцнат огромни уплати

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил сериозни слабости во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), меѓу кои кадровски дефицит, неправилности во евиденцијата на имотот, пропусти во јавните набавки и доцнење во уплатата на придонесите за здравствено осигурување на пензионерите.

Според ревизорскиот извештај, зголемените приходи на Фондот во 2024 година не биле доволни да ги покријат расходите за пензии, кои продолжуваат да растат. Во исто време, 36,71 проценти од средствата за исплата на пензии биле обезбедени преку трансфери од државниот Буџет.

Ревизорите посочуваат дека ПИОМ не ги уплаќал навреме придонесите за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување, иако за тоа има законска обврска. До крајот на февруари 2026 година, доцнењето достигнало осум месеци, а неисплатените обврски за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесуваат 136,4 милиони евра.

Извештајот открива и низа административни пропусти, меѓу кои неевидентиран движен и недвижен имот добиен по стечајни постапки, нецелосно спроведен попис на земјиштето, недоволна евиденција за побарувањата, недостаток на целосни податоци за средствата од акцизи, како и слабости при издавањето деловен простор под закуп и во постапките за јавни набавки.

Од Државниот завод за ревизија препорачуваат надлежните институции да преземат мерки за отстранување на утврдените слабости, согласно законските обврски.