На 12 јули, православните верници го одбележуваат Петровден, празник посветен на светите апостоли Петар и Павле, кој се смета за еден од најзначајните христијански празници веднаш по Велигден.
Во Македонија со векови се зачувале бројни народни обичаи поврзани со овој ден. Верниците традиционално присуствуваат на богослужби, а оние што го држеле Петровденскиот пост се причестуваат. Иако празникот се паѓа во периодот на жетвата, според народното верување работата не е целосно забранета, бидејќи се сметало дека и самиот Свети Петар работел на нивите.
Во различни краишта од земјата постоеле специфични обичаи. Во Кумановско, уште пред изгрејсонце луѓето фрлале ситни камчиња по нивите и бостаните, верувајќи дека така ќе обезбедат богат род. На други места земјоделските култури се прскале со изворска вода како симбол на плодност и напредок.
Петровден има посебно место и во Галичник, каде што некогаш бил период кога се враќале печалбарите и се организирале бројни свадби, претворајќи го селото во вистински празничен центар.
Апостолите Петар и Павле имаат исклучително значење во христијанството. Петар се почитува како симбол на цврстата вера, додека Павле останува запаметен како еден од најголемите проповедници на христијанството. Неговите мисионерски патувања ја поврзуваат и Македонија со почетоците на ширењето на христијанската вера во Европа, бидејќи токму на овие простори била формирана првата христијанска заедница на европско тло.
Поради богатата духовна и историска симболика, Петровден и денес останува празник што ги обединува верата, традицијата и народното наследство.







