Истрагата поврзана со случајот „Пулс“ во Кочани добива нов тек, откако под сомнение се најдоа осум инспектори од Државниот инспекторат за труд. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според истрагата, во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година тие не спровеле ниту една инспекциска контрола во угостителскиот објект, иако тоа било нивна законска обврска. Полицијата наведува дека објектот бил единствен од ваков тип во општината, но сепак останал без редовен инспекциски надзор.
Со ваквото непостапување, според сомнежите, било овозможено објектот да продолжи со работа без проверка на условите за безбедност, здравје при работа и почитување на законските обврски. Воедно, се наведува дека на овој начин била стекната противправна имотна корист од 1.255.977 денари, односно околу 20.000 евра.
Случајот „Пулс“ стана предмет на повеќе истраги по трагичниот пожар во дискотеката, а со најновите активности надлежните институции ја прошируваат истрагата за да утврдат дали постоеле системски пропусти и одговорност и кај инспекциските служби.









