Полскиот премиер Доналд Туск оцени дека наредните месеци би можеле да бидат особено чувствителни од безбедносен аспект, поради зголемените стравувања од можни руски провокации насочени кон источниот дел на НАТО.
На прес-конференција, Туск изјави дека не сака да создава паника, но нагласи дека Полска мора сериозно да ги сфати сите потенцијални закани. Според него, особено внимание се посветува на состојбата во балтичкиот регион, каде што безбедносните ризици се внимателно следени.
Тој истакна дека полските власти постојано соработуваат со своите сојузници и добиваат информации кои им помагаат навремено да се подготват за различни можни сценарија.
Изјавите на Туск следуваат по медиумски извештаи во кои се тврди дека САД ја предупредиле Полска за можност Русија да изведе ограничени провокации со цел да ја тестира реакцијата на НАТО. Во тие информации се споменуваат различни потенцијални сценарија, меѓу кои напади со дронови или ракети врз критична инфраструктура, како и ограничени инциденти долж границите на земјите-членки на Алијансата.
Сепак, за овие наводи засега нема официјална потврда од Вашингтон, ниту реакција од Москва. Полските власти порачуваат дека остануваат внимателни и продолжуваат со подготовките, но истовремено апелираат граѓаните да не подлегнуваат на паника









