Тешка семејна трагедија ја потресе Бугарија, откако четири лица од исто семејство ги загубија животите во водите на реката Струма, во близина на селото Пастух, во општина Невестино кај Ќустендил.
Според првичните информации, семејството престојувало на пикник покрај реката кога бабата и дедото влегле во водата. Силната речна струја ги повлекла, а во обид да им помогнат, во реката влегле и нивните две повозрасни внучиња. За жал, и тие биле однесени од водата.
По повеќечасовна спасувачка акција, во која биле вклучени специјализирани тимови, чамци и дронови, биле пронајдени телата на сите четири жртви.
Во трагедијата преживеало шестгодишно дете кое не влегло во реката. Детето успеало да побара помош и, иако не е физички повредено, се наоѓа во тешка психолошка состојба по преживеаниот шок.
Според локалните власти, местото каде што се случила несреќата е познато по силните и опасни речни струи. Надлежните институции спроведуваат истрага за да ги утврдат сите околности што довеле до оваа голема семејна трагедија.








