ПРВ.мк
Македонија

Над 500 семејства добија ваучери за инвертер клими – проверете дали сте на списокот

Над 500 семејства добија ваучери за инвертер клими – проверете дали сте на списокот

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги објави списоците на граѓани кои добиле финансиска поддршка за купување и вградување инвертер клима уреди во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година.

Според информациите од Министерството, за двете категории опфатени со мерката се доделени повеќе од 500 потврди-ваучери.

Поддршката е наменета за домаќинства во кои едно или повеќе лица се корисници на надоместок поради попреченост согласно Законот за социјалната заштита, како и за домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост кои користат посебен додаток до 26-годишна возраст.

Список на добитници на ваучери за инвертер клими

Добитниците треба да ја проверат електронската адреса наведена во нивниот кориснички профил. Таму треба да добијат решение за стекнатото право на ваучер, записник односно прашалник кој се пополнува по монтажата, како и баркод или QR-код за идентификација на ваучерот.

Решението и записникот треба да бидат испечатени, а потоа добитникот со документите и баркодот или QR-кодот треба да се обрати кај едно од правните лица што имаат склучено договор со МЕРМС за реализација на мерката.

Список на правни лица за реализација на ваучерите

Избраното правно лице ја спроведува набавката и монтажата на инвертер клима уредот согласно условите од Програмата. По завршувањето на монтажата, корисникот треба да го пополни доставениот записник или прашалник.

Крајниот рок за искористување на ваучерите е 15 октомври 2026 година, а по истекот на рокот тие повеќе нема да можат да се користат.

Од Министерството апелираат граѓаните да не чекаат до последен момент, туку навреме да ја започнат постапката за набавка и монтажа.