Новата мерка за поддршка на бизнисите и отворање работни места предизвика голем интерес кај компаниите, откако беше објавено дека фирмите ќе можат да добијат неповратни средства до 250.000 денари за секое ново вработено лице.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека отворањето нови работни места, намалувањето на невработеноста, подобрувањето на животниот стандард и создавањето поповолна бизнис-клима остануваат меѓу главните приоритети на владините економски политики.
Како една од актуелните мерки ја посочуваат програмата „Поддршка за креирање на нови работни места“, која е дел од Оперативниот план за вработување 2026 година. Целта на мерката е да им помогне на микро, малите и средните претпријатија да го прошират своето работење преку нови вработувања.
Според објавените информации, преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ се предвидува финансиска поддршка за вработување на вкупно 1.385 лица. За секое новоотворено работно место компаниите ќе можат да добијат грант во износ од 160.000 до 250.000 денари, во зависност од категоријата на лицето кое ќе биде ангажирано.
Вкупниот буџет на програмата изнесува 332.650.000 денари, односно околу 5,4 милиони евра, средства кои се наменети за поттикнување на вработувањето и развојот на приватниот сектор.
За разлика од мерката за самовработување, која беше наменета за лица што сакаат да започнат сопствен бизнис, овој јавен повик е насочен кон компании кои имаат планови за проширување и создавање нови работни позиции.
Работодавачите ќе имаат можност да добијат финансиска поддршка за вработување на најмногу пет лица, при што висината на грантот ќе зависи од статусот на нововработениот.
Највисока поддршка е предвидена за млади лица до 29 години, за кои компаниите ќе добијат по 250.000 денари за секое ново работно место.
Грант од 220.000 денари ќе биде обезбеден за вработување на лица од одредени категории, меѓу кои корисници на гарантирана минимална помош, Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени лица и жени Ромки со завршено средно или високо образование.
За невработени лица постари од 29 години, предвидена е финансиска поддршка од 160.000 денари по ново вработување.
Дополнителна можност има и за вработување на македонски повратници. За секое лице кое се враќа во земјата и ќе биде вработено, работодавачот ќе добие дополнителни 10 проценти од веќе одобрениот износ, зависно од категоријата на лицето.
Според оценките на предлагачите, мерката треба да придонесе кон создавање нови можности за вработување, подобрување на условите за професионален развој на граѓаните и дополнителен раст на домашниот бизнис-сектор.







