ПРВ.мк
Македонија

Драма пред зори: Мајка и дете паднале во провалија, следувала трка со времето

Драма пред зори: Мајка и дете паднале во провалија, следувала трка со времето

Вистинска драма се одвивала рано утринава во близина на трим-патеката кон манастирот „Св. Илија“ кај Струмица, каде мајка и дете паднале во провалија и морале да бидат спасувани од пожарникарите.

Од Територијалната противпожарна единица Струмица информираа дека повикот за интервенција бил примен околу 05:15 часот, по што на местото веднаш бил испратен тим од пожарникари-спасители.

По пристигнувањето, спасувачите со помош на специјализирана опрема успеале безбедно да ги извлечат мајката и детето од непристапниот терен. Потоа тие биле предадени на екипа на Итната медицинска помош, која ги прегледала и ги згрижила.

Од ТППЕ Струмица посочија дека благодарение на брзата, професионална и добро координирана интервенција, спасувачката акција завршила успешно.

Воедно, пожарникарите упатија апел до сите граѓани кои ги користат трим-патеките и планинските патеки да бидат особено внимателни, особено во раните утрински и вечерните часови, кога движењето по стрмни и непристапни делови од теренот носи поголем ризик од несреќи.