ПРВ.мк
Македонија

ДРАМА НА СКОПСКА УЛИЦА: Возач со „пежо“ дивеел по расправија, мотоциклист го влечел по асфалтот и избегал!

ДРАМА НА СКОПСКА УЛИЦА: Возач со „пежо“ дивеел по расправија, мотоциклист го влечел по асфалтот и избегал!

Вистинска драма се одвивала на улицата „Рилски Конгрес“ во Скопје, каде по претходно недоразбирање во сообраќајот, возач на автомобил неколкупати удрил во мотоцикл, а потоа, според пријавата, го влечел мотоциклистот неколку метри пред да избега од местото на настанот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека инцидентот бил пријавен на 23 јуни околу 18:20 часот.

Според досегашните информации, лице кое управувало патничко возило „Пежо“ со скопски регистарски ознаки првично удрило во мотоцикл управуван од Г.Н. (29) од скопско, при што мотоциклистот паднал на коловозот.

По падот, наместо да застане, возачот на автомобилот повторно го придвижил возилото и, според пријавата, неколкупати удрил во мотоциклот. Во текот на инцидентот било оштетено и патничко возило „Цитроен“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на В.О. (44).

Ситуацијата дополнително ескалирала кога Г.Н. се фатил за предната врата од „Пежото“, но возачот продолжил да се движи, при што мотоциклистот бил влечен неколку метри по улицата, по што паднал на коловозот.

По инцидентот, возачот на „Пежото“ избегал од местото на настанот, а повредениот 29-годишник бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му била укажана лекарска помош.

Од СВР Скопје соопштија дека се преземаат мерки за идентификување на возачот и целосно расчистување на случајот.