Власта предлага сериозни ограничувања за користењето електрични тротинети, а една од најзначајните новини е забраната за управување со вакви возила за лица помлади од 18 години. Предлог-измените доаѓаат по анализи кои покажале дека повеќе од половината сообраќајни незгоди со електрични тротинети биле предизвикани од 16 и 17-годишници.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека мерката е строга, но дека нејзината главна цел е заштита на младите учесници во сообраќајот.
Според него, анализите на Министерството за внатрешни работи покажале дека најголем дел од несреќите со електрични тротинети се поврзани токму со малолетни лица на возраст од 16 и 17 години. Затоа, со предложените измени минималната старосна граница за управување со електричен тротинет би се зголемила на 18 години, а максималната дозволена брзина би била ограничена на 20 километри на час, во согласност со препораките на Европската Унија.
Мицевски посочи дека регулацијата на лесните електрични возила во државата сè уште не е целосно уредена, а статистиката покажува сериозни последици од сообраќајните незгоди.
Во периодот од 2024 година до мај 2026 година, во пријавени сообраќајни незгоди низ земјава учествувале вкупно 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли. Од нив, 46 лица го загубиле животот, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1.347 поминале со полесни повреди.
Според предлагачите, измените не се конечни и ќе може да претрпат дополнителни корекции во иднина, во зависност од резултатите што ќе ги даде примената на новите правила.
Покрај старосната граница и ограничувањето на брзината, се предвидува и заострување на казнената политика. Во одредени случаи, освен парични казни, ќе може привремено да се одземе возилото во траење од 30 дена.
Таквата мерка би се применувала при управување од страна на малолетник, надминување на дозволената брзина, превезување друго лице на тротинет или возење под дејство на алкохол.
Предлог-измените на Законот за безбедност во сообраќајот се најдоа на дневен ред во Собранието и ќе се разгледуваат по скратена постапка.






