Лекарите од Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Србија, успешно вградија пејсмејкер на пациент стар 100 години, покажувајќи дека возраста сама по себе не е пречка за современо лекување.
Од почетокот на годинава, на Клиниката за кардиологија се вградени 375 пејсмејкери, а меѓу пациентите бил и стогодишник, чија интервенција била успешно изведена.
Кардиологот проф. д-р Томислав Костиќ истакна дека најважно е да се процени општата здравствена состојба на пациентот, а не неговата возраст.
„Имавме пациент на 100-годишна возраст на кого успешно му беше вграден пејсмејкер. Годините сами по себе не се пречка за лекување. Благодарение на современите методи, и луѓето во длабока старост можат да имаат подобар квалитет на живот“, изјави Костиќ.
Тој посочи дека Клиниката во Ниш денес применува најсовремени кардиолошки процедури, вклучително и минимално инвазивни пејсмејкери кои се вградуваат без класичен оперативен зафат, како и современи техники за физиолошка стимулација на срцето.
Од Клиниката потсетуваат дека кардиоваскуларните заболувања и понатаму се водечка причина за смртност, но благодарение на новите методи на лекување се намалува бројот на смртни случаи и се подобрува квалитетот на живот на пациентите.










