Сериозен инцидент се случил на гробиштата во Бутел, каде тројца напаѓачи физички нападнале и повредиле двајца вработени во АД „Бутел“, откако биле фатени во обид за кражба.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, на 07.04.2026 година во два наврати – во 13:40 и 19:10 часот – полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.М. (48) и неговите синови Ј.М. (26) и Б.М. (27), сите од Скопје. Тие се осомничени дека околу 12:40 часот извршиле напад врз Е.Д. (51) и М.Д. (54).
Инцидентот се случил во близина на гробно место, каде вработените ги забележале осомничените лица, кои од претходно им биле познати по извршување на тешки кражби. Кога работниците им укажале дека ќе повикаат полиција, ситуацијата ескалирала во насилен напад.
Напаѓачите користеле гасен пиштол, како и ладно оружје – боксирач и нож, при што им нанеле телесни повреди на двајцата вработени. Повредите биле констатирани во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“, каде повредените биле медицински згрижени.
Осомничените се задржани во полициска станица, а по целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.










