ПРВ.мк
Македонија

Денес се одлучува за судбината на Охрид – УНЕСКО носи клучна одлука

Денес се одлучува за судбината на Охрид – УНЕСКО носи клучна одлука

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска треба да ја донесе конечната одлука за статусот на Охридскиот Регион, односно дали ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство или ќе биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.

Одлуката ќе се темели на извештаите за тоа колку Македонија и Албанија ги исполниле препораките на УНЕСКО за заштита на регионот.

Во фокусот на оценувањето се справувањето со дивоградбите, подобрувањето на колекторскиот систем, урбанистичкото планирање, заштитата на Студенчишкото Блато, намалувањето на загадувањето на Охридското Езеро и зачувувањето на културното наследство.

Минатата година Комитетот одлучи да не го стави Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност, туку им даде на двете држави дополнителен рок до 1 февруари 2026 година да достават извештаи за преземените мерки.

Во изминатиот период македонските власти соопштуваа дека се преземени повеќе активности за исполнување на препораките, а во февруари владина делегација во Париз ги презентираше мерките пред претставниците на УНЕСКО.

Одлуката што ќе ја донесе Комитетот денеска ќе биде од особено значење за иднината на Охридскиот Регион, кој од 1979 и 1980 година се наоѓа на Листата на светско природно и културно наследство на УНЕСКО.