Епидемиологот д-р Драган Даниловски апелира граѓаните доследно да ги применуваат мерките за заштита од комарци, нагласувајќи дека на тој начин значително може да се намали ризикот од западнонилска треска и други заболувања што ги пренесуваат овие инсекти.
Тој предупредува дека тигрестиот комарец е исклучително отпорен и може да се размножува дури и во многу мали количини застоена вода. Поради тоа, препорачува редовно да се отстранува водата од автомобилски гуми, пластични садови, тацни под саксии, буриња, садови за домашни миленици и да се чистат олуците каде што може да се задржува вода.
Според Даниловски, најголем ризик од потешка форма на западнонилска треска имаат постарите лица, хронично болните и луѓето со ослабен имунитет. Како дополнителна заштита советува носење соодветна облека и поставување заштитни мрежи на прозорците.
Тој посочува дека симптомите на болеста можат да вклучуваат висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест и парализа. Доколку се појават вакви симптоми, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.
Епидемиологот додава дека тигрестиот комарец е поагресивен и поиздржлив од обичниот домашен комарец и е активен во текот на целиот ден, поради што превентивните мерки треба да се применуваат постојано.









