ПРВ.мк
Економија

Европа го крева прагот за пензија – дали истото ја чека и Македонија?

Европа го крева прагот за пензија – дали истото ја чека и Македонија?

Европските земји постепено ги менуваат правилата за пензионирање, а според најновите анализи на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во иднина во дел од државите граѓаните би можеле да работат и до 74-годишна возраст.

Проекциите покажуваат дека до крајот на 2060-тите просечната возраст за пензионирање во Европската Унија ќе се движи околу 66,7 години за мажите и 66,6 години за жените. Највисока старосна граница се очекува во Данска – 74 години, додека Естонија би достигнала 71 година. Во Италија, Холандија, Шведска и Кипар пензионирањето би било на околу 70 години.

Во исто време, некои земји засега ги задржуваат сегашните услови. Словенија и Луксембург остануваат меѓу државите со најниска старосна граница за мажите – 62 години, а Полска и понатаму предвидува пензионирање на жените на 60 години.

Главната причина за реформите е стареењето на населението. Сè помалку деца се раѓаат, животниот век се продолжува, а бројот на пензионери расте побрзо од бројот на работоспособни луѓе. Според ОЕЦД, до 2050 година на секои 100 лица на возраст од 20 до 64 години ќе има околу 52 лица постари од 65 години, додека денес тој однос е значително понизок.

Експертите предупредуваат дека без вакви промени многу пензиски системи би можеле да се соочат со сериозни финансиски проблеми. Затоа, сè почесто се отвора прашањето дали ваквите реформи во иднина би можеле да станат реалност и во Македонија.