Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат нови ограничувања за одредени руски државјани што живеат во странство, а кои се осудени во отсуство или, според руските власти, избегнуваат извршување на судски одлуки.
Законот предвидува формирање посебен регистар што ќе го води Министерството за правда, во кој ќе бидат внесувани лицата опфатени со овие мерки. Ограничувањата се однесуваат и на лица кои руските власти ги поврзуваат со дискредитирање на армијата, статус на „странски агент“, соработка со „непожелни организации“, повици за санкции против Русија или оспорување на територијалниот интегритет на државата.
За лицата што ќе се најдат во регистарот се предвидуваат повеќе рестрикции, меѓу кои замрзнување на банкарските сметки во Русија, блокирање на електронското банкарство и паричните трансфери, забрана за продажба или пренос на имот и возила, како и ограничен пристап до државните електронски услуги.
Законот предвидува и ограничувања на дел од конзуларните услуги во странство, вклучително и издавање или обновување на меѓународни пасоши, освен во одредени случаи предвидени со прописите.
Организациите за заштита на човековите права оценуваат дека новите мерки значително ги ограничуваат правата на дел од руските државјани кои живеат надвор од земјата. Законот е донесен во период кога во јавноста се појавуваат шпекулации за можна нова мобилизација во Русија, иако Кремљ засега официјално не најавува таков чекор.








