Епидемиологот д-р Драган Даниловски апелира граѓаните да преземат едноставни, но важни мерки за намалување на ризикот од западнонилска треска и други заболувања што ги пренесуваат комарците.
Тој предупредува дека тигрестиот комарец е исклучително отпорен и може да се размножува дури и во многу мали количини застоена вода. Поради тоа, препорачува редовно да се празнат или отстрануваат предмети во кои се собира вода, како автомобилски гуми, пластични садови, тацни под саксии, буриња, садови за домашни миленици и неисчистени олуци.
Според Даниловски, најголем ризик од тешка форма на западнонилска треска имаат постарите лица, хронично болните и лицата со ослабен имунитет. За заштита препорачува носење соодветна облека, поставување мрежи на прозорците и избегнување изложеност на комарци.
Тој посочува дека симптомите на болеста може да вклучуваат висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест и во потешки случаи парализа. Доколку се појават вакви симптоми, неопходно е веднаш да се побара лекарска помош.
Даниловски истакнува дека тигрестиот комарец е поагресивен и поиздржлив од обичниот домашен комарец и е активен во текот на целиот ден, што дополнително ја зголемува потребата од постојана превенција.









