Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека тестирањето на проектот „Безбеден град“ покажува позитивни резултати. Според него, возачите значително ја намалиле брзината на движење, а бројот на сообраќајни незгоди бележи пад, особено оние со тешки повреди и смртни последици.
„Се намалуваат сообраќајните незгоди на територијата на Град Скопје, а особено бројот на незгоди со тешки телесни повреди и смртни последици“, истакна Тошковски. Тој додаде дека почитувањето на ограничувањата на брзината е клучен фактор за спречување на сериозни повреди, потенцирајќи дека меѓународните статистики покажуваат директна поврзаност меѓу брзината и степенот на повреди при сообраќајки.
Министерот нагласи дека при возење со 60 километри на час речиси нема преживеани, додека со 50 км/ч од десет повредени преживуваат само двајца, а при 30 км/ч преживуваат осум од десет.
Во врска со евентуални забелешки од граѓаните, Тошковски најави дека сите неправилности или проблеми со системот ќе можат да се пријавуваат преку посебен пункт во управните служби на МВР, преку интернет-платформа и мобилна апликација која е во подготовка. Проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза до први февруари.
















