Грчката полиција уапси 30-годишен маж во крајбрежното предградие Глифада, во близина на Атина, откако кај него била пронајдена рачна бомба, а според истрагата постоеле сомневања дека подготвувал напад врз поранешен обвинител на Врховниот суд.
Апсењето било спроведено во рамки на акција на Управата за борба против организираниот криминал. Според грчките медиуми, осомничениот извесен период бил под полициски надзор, бидејќи безбедносните служби располагале со информации дека планира напад.
Неофицијално, станува збор за 30-годишен државјанин на Египет, кој, според информациите објавени од „Катимерини“, наводно добил задача да го нападне домот на висок судски функционер. Како можна цел се споменува поранешниот обвинител на Врховниот суд, Исидорос Догиакос.
Надлежните продолжуваат со истрагата за да утврдат кој стои зад евентуалниот план за напад, како и дали осомничениот дејствувал сам или бил дел од поширока криминална мрежа.







