Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 41-годишен британски државјанин, осомничен дека ги спречил даночните инспектори да извршат службена контрола на локалитетот „Камени кукли“ во селото Куклица, општина Кратово.
Според обвинителството, инцидентот се случил на 16 јули, кога двајца даночни контролори пристигнале да извршат контрола поврзана со претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност. Во тој момент, осомничениот наводно почнал да фрла камења кон инспекторите и кон службеното возило, по што тие биле принудени да се повлечат.
Обвинителството го товари за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“, а до Основниот суд во Куманово е доставен предлог за определување мерка притвор.
Инцидентот се случува во период кога трае спор околу управувањето со туристичкиот локалитет „Камени кукли“. Општина Кратово претходно соопшти дека просторот бил бесправно користен и дека од посетителите се наплатувал влез без законска основа и без издавање фискални сметки.
Од друга страна, лицата кои го користеле локалитетот ги отфрлаат овие обвинувања и тврдат дека со години вложувале во неговото одржување. Спорот веќе е предмет на судска постапка, која сè уште не е правосилно завршена.









