Скопје не престанува да изненадува со сообраќајната некултура, а најновата снимка која кружи на социјалните мрежи ги згрози граѓаните. Додека велосипедистите и пешаците се обидуваат мирно да го поминат денот на кејот на Вардар, една госпоѓа одлучи дека велосипедската патека е всушност нејзина лична „брза лента“.
Видеото кое стана вирално за само неколку часа прикажува црвен автомобил марка „Шевролет“ како самоуверено се движи по патеката наменета исклучиво за велосипеди. Сведоците се во неверување, а авторот на видеото со ироничен коментар ја „поздрави“ возачката: „Да ја направиме позната. Со среќа нека е новата улица во нашиот град!“
Она што дополнително ја зоври јавноста е информацијата во описот на видеото – наводно, станува збор за вработена во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Граѓаните прашуваат: дали оние кои треба да се грижат за градското зеленило и рекреативните зони се всушност оние кои први ги уништуваат? „Баш ја личи, секоја чест за примерот што го дава“, се само дел од гневните коментари.

Овој инцидент доаѓа само кратко време по случајот каде жена возеше низ паркот „Жена борец“, по што полицијата експресно поднесе кривична пријава. Дали и оваа „велосипедистка“ со четири тркала ќе се соочи со законот или ќе помине неказнето? Скопје чека одговори, а видеото продолжува да се споделува со молскавична брзина!










