Неверојатно драматична ноќ за жителите на општина Чучер Сандево, каде пожарот што беснее помеѓу селата Блаце и Чучер излезе од контрола. Поради сериозноста на ситуацијата, општинските власти прогласија вонредна состојба, додека огнените јазици продолжуваат да се шират низ непристапна мешана шума, потпомогнати од силен ветер.
Градоначалникот Сашко Комненовиќ алармираше дека институционалната реакција е бавна и дека најавените ресурси, како „хермелините“ за гаснење пожар, речиси и да не се користеле досега.
Од утрово се активираа и воздушни интервенции со хеликоптери и противпожарни возила за да се спречи понатамошното ширење на пожарот.
Во моментов, покрај Чучер Сандево, уште шест пожари се активни во Прилеп, Македонски Брод, Чашка, Шуто Оризари, Дојран и Крива Паланка. Пожарот кај Делчево е локализиран, а оној кај Самаково веќе под контрола.
Досега, благодарение на брзата реакција на пожарникарите и локалното население, 23 пожари се изгаснати, но битката со огнот продолжува и денес, особено во најкритичните точки.
Ситуацијата во Чучер Сандево останува крајно сериозна и бара мобилизација на сите расположливи ресурси за целосно гаснење на пожарот.