ПРВ.мк
Македонија

Адвокатите бараат ослободување за обвинетите во случајот „Вања и Панче“

Адвокатите бараат ослободување за обвинетите во случајот „Вања и Панче“

На 18 јуни, во Основниот кривичен суд во Скопје, адвокатите на четворица од петтемина обвинети за убиствата на Вања Ѓорчевска (14) и Панче Жежовски (74) побараа ослободителни пресуди.

Обвинителството веќе побара доживотен затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Сепак, одбраната смета дека нема доволно докази за вина и дека дел од обвиненијата се правно спорни.

Особено внимание предизвика случајот на таткото на Вања – Александар Ѓорчевски. Тој е обвинет дека давал информации за движењето на ќерката, но неговиот адвокат тврди дека такво нешто не е докажано и го нарече случајот „опасен судски преседан“.

Адвокатите на останатите обвинети побараа ослободување од делото убиство, тврдејќи дека не постоел договор за ликвидација, туку, во најмала рака, само киднапирање.

Семејствата на жртвите преку своите адвокати го поддржаа обвинителниот акт и побараа строги казни.

Следното рочиште е на 20 јуни, кога обвинетите ќе дадат свои завршни зборови. Судот потоа ќе го закаже изрекувањето на пресудата.

Сподели го овој напис