ПРВ.мк
Македонија

Клековски: Обновена Неврофизиологијата – над 800 квадратни метри подобри услови за пациентите

Клековски: Обновена Неврофизиологијата – над 800 квадратни метри подобри услови за пациентите

Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, ја посети обновената Неврофизиологија при Универзитетската клиника за неврологија, каде што се реконструирани повеќе од 800 квадратни метри простор.

Во рамки на обновувањето се опфатени амбулантите, кабинетите и стационарниот дел, а просторот е дополнително опремен со нова медицинска опрема и климатизација.

Клековски истакна дека најважната придобивка не е само подобрениот изглед и инфраструктура, туку тоа што пациентите сега ќе можат да добијат покомплетна грижа на едно место.

Со новиот простор за рехабилитација и кабинетот за когнитивен тренинг се скратува патот на пациентот од дијагностика до закрепнување, што е особено значајно за лицата со Паркинсонова болест и други невролошки состојби.

Според Клековски, ваквиот пристап може директно да влијае врз квалитетот на животот и самостојноста на пациентите.

Универзитетската клиника за неврологија се грижи за широк спектар пациенти – од лица со мозочен удар и мултипла склероза, до пациенти со невродегенеративни заболувања, деменции, развојни невролошки нарушувања кај деца, главоболки и различни болни синдроми.

Министерот посочи дека раководството и вработените на Клиниката континуирано работат на подобрување на условите и квалитетот на услугите за сите категории пациенти.

Клековски упати благодарност до тимот на Клиниката за неврологија за посветеноста и работата во насока на создавање подобри услови за лекување и рехабилитација.