Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Канал 5 ја истакна нефункционалноста на судството во Македонија како еден од најголемите проблеми во државата. Тој посочи дека правосудниот систем често не ги решава случаите или ги „поставува под тепих“, а кога делува, најчесто целта е да се влијае врз бизнисмени.
„Проблем е што или не работат, или ги ставаат работите под тепих, или ако нешто сработат, најчесто им е да удрат некој бизнисмен. На тоа се сведе судството и обвинителството во Македонија, и на седење по кафани“, рече Николоски.
Тој потенцира дека законите се добри, но платите на судиите и обвинителите се несразмерно високи во однос на нивната ефикасност. Како пример, Николоски наведува дека додека на министрите, премиерот и претседателот на државата платите се фиксни и ограничени, судиите и обвинителите бараат 4 просечни плати, што претставува големо оптоварување за државниот буџет.
„Уставниот суд ја укина одлуката за замрзнување на платите, кога наеднаш скокнаа за 78%. Ние имавме принципиелен став дека од ова ниво нагоре платите нема да растат, ги намаливме коефициентите. Ако порано министер земал 3,5 просечни плати, премиер 4, претседател 4,5, сега е 2,83. Но, за судиите и обвинителите не важело“, објасни Николоски.
Тој посочи дека проблемот со правосудството е евидентен за сите граѓани, а Владата не смее да биде неми. „Ние сме најмногу за да бидат независни, нека испорачуваат резултати, нека си работат, и да немаме дебата, но ова е проблем број 1“, истакна Николоски.
Министерот додаде дека дури и додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, тој отворал многу корупциски случаи, но правосудството не покажало значајни резултати. „Не може сите случаи да се утнати; од толку корупциски случаи нешто да беше почнато, ако мислат дека не треба, нека кажат“, заклучи Николоски.
















