Во рамките на две големи операции, LUDUS IV (2023-2024) и LUDUS V (2024-2025), од пазарот на Европската Унија се запленети 16,6 милиони пакувања фалсификувани и потенцијално штетни играчки, во вкупна вредност од 36,8 милиони евра, соопшти Европол. За случаите се пријавени 555 лица кај судските и здравствените власти.
Во операцијата LUDUS IV се запленети 8,4 милиони пакувања во вредност од 28,1 милиони евра, а 125 лица се пријавени кај судските власти, а 150 кај административните или здравствените институции. Во операцијата LUDUS V биле запленети 8,2 милиони пакувања во вредност од 8,7 милиони евра, при што 86 лица биле пријавени кај судските власти и 194 кај административните или здравствените власти.
Запленетите играчки претежно биле увезени преку редовни бродски патишта и претставувале различни опасности за децата. Европол нагласува дека фалсификуваните играчки можат да предизвикаат задушување, давење, посекотини, изгореници и изложување на хемиски супстанции, а некои дури можат да го оштетат слухот или видот на децата.
Строги регулативи во ЕУ ги регулираат дизајнот, производството и продажбата на играчки, но криминалците ги избегнуваат овие стандарди. „Лошата изработка и токсичните материјали можат да предизвикаат сериозни и опасни повреди, особено за бебиња кои ставаат играчки во устата. Електронските играчки со премногу висок звук можат да предизвикаат неповратно губење на слухот“, предупредува Европол.
Овие операции беа координирани од Европол и предводени од Франција, Шпанија и Романија, со поддршка од EUIPO и OLAF.
Фалсификуваните играчки создаваат значителни економски загуби за индустријата. Глобалниот пазар на играчки се проценува на 300 милијарди евра годишно, а секторот е втора најфалсификувана индустрија во светот. Во ЕУ, фалсификуваната стока во секторот за играчки предизвикува околу 8,7% загуба од вкупната продажба, што изнесува приближно 1 милијарда евра и 3.600 изгубени работни места.
















