ПРВ.мк
Македонија

НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПУШЕЊЕ СÈ УШТЕ НА ЧЕКАЊЕ: Осум амандмани ја закочија постапката

НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПУШЕЊЕ СÈ УШТЕ НА ЧЕКАЊЕ: Осум амандмани ја закочија постапката

Предлог-законот за заштита од употребата на производи од тутун или сродни производи сè уште е заглавен во собраниска процедура, а една од спорните точки е можноста за воведување посебни простории за пушачи во угостителски објекти, фирми и институции. 

Според објавените информации, на законското решение се поднесени осум амандмани, а дел од нив предвидуваат воведување таканаречени „пушачки соби“. Министерството за здравство се противи на ваквите предлози, оценувајќи дека тие би можеле да создадат простор за заобиколување на законот. 

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека во одредени земји постојат вакви простории, но дека тие мора да исполнуваат строги технички и технолошки услови, меѓу кои и системи со негативен притисок. Според него, таквите стандарди би биле тешко остварливи во рестораните и другите објекти. 

Пратениците побарале дополнителни мислења од стопанствениците и домашните експерти, по што треба да продолжи собраниската процедура. Владата го усвои предлог-законот на 2 јуни, но до 27 септември тој сè уште не е донесен. 

Предлогот предвидува целосна забрана за пушење во затворени простории и построги правила за терасите, како и дополнителни ограничувања во здравствени, образовни и детски установи и во автомобили кога во нив има дете.