Северот на Италија е потресен од брутално убиство на 39-годишен маж, чие распарчено тело било пронајдено на две различни локации – дел во стан во Торино, а дел покрај брегот на реката Дора.
Според италијанските медиуми, случајот започнал со повеќедневна забава во стан во Торино, каде четири лица консумирале алкохол и различни видови дрога. Во еден момент дошло до расправија за пари, која завршила трагично.
За убиството е осомничен 26-годишниот Матеус Де Оливеира Морандо. Тој пред истражните органи признал дека дошло до физичка пресметка со жртвата, но тврдел дека поради состојбата во која се наоѓал не се сеќава точно како настапила смртта.
Според неговата изјава, присутните првично се обидувале да го реанимираат 39-годишникот. Подоцна, делови од телото биле пронајдени во бањата на станот, додека други биле откриени покрај реката Дора.
Истрагата сè уште се обидува да утврди што точно се случувало во станот, бидејќи изјавите на присутните се разликуваат во повеќе детали. Осомничениот признал дека по настанот сакал да избега и ја повикал својата мајка.
Полицијата во станот затекнала и човечки останки. Мажот е осомничен за убиството, додека уште две лица се товарат во врска со помагање и прикривање на телото.






