Собранието вечерва беше осветлено во портокалова боја како дел од светската кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, со што највисоката законодавна институција испрати силна и симболична порака за поддршка на жените и девојките.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку Фејсбук нагласи дека осветлувањето не е само визуелно обележје, туку јасен став дека институцијата стои цврсто против секоја форма на насилство врз жените. Тој истакна дека портокаловата светлина треба да биде потсетник и повик за размислување, но и надеж за општество во кое жените живеат без страв, со достоинство и вистинска заштита.
Генералната секретарка на Парламентот, Марина Димовска, исто така подвлече дека оваа акција не е само симболичен гест. Според неа, осветлувањето е порака дека Собранието е на страната на секоја жена и дека не прифаќа никаква форма на родово базирано насилство. Таа апелираше за заеднички напори во изградба на општество каде секоја жена е почитувана, заштитена и живее без страв.

















