Ирски воен брод забележа до пет дронови кои летаа близу воздушната траса на авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во понеделникот допатува во државна посета на Ирска, јавуваат локалните медиуми. Настанот предизвика сериозна безбедносна тревога поради страв од можен обид за нарушување на летот, пишува „Ајриш Тајмс“. Според ненаведени извори, авионот пристигнал нешто порано од планираното и не бил во непосредна опасност.
Украинската делегација беше во Ирска со цел обезбедување поширока европска поддршка за Киев, додека Русија ја продолжува офанзивата во Украина. Во последните месеци, летови со непознати дронови често го попречуваат воздушниот сообраќај во Европа, што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го нарече „форма на хибридно војување“.
Според порталот „The Journal“, дроновите се приближиле до точката каде авионот на Зеленски требало да се најде во очекуваниот момент на прелет. Истрагата се фокусира на тоа дали дроновите полетале од копно или од недетектиран пловен објект, првично забележани североисточно од Даблин, на околу 20 километри од аеродромот.
Ирските вооружени сили од безбедносни причини одбија да даваат конкретни детали за инцидентот. Армиски портпарол соопшти: „Поддршката на вооружените сили во безбедносната операција предводена од полицијата беше успешно спроведена на повеќе начини, што овозможи безбеден и успешно реализиран престој на украинскиот претседател.“

















