Заменик-претседателот на Владата Александар Николоски во Брисел јавно побара од Европската Унија да соопшти што точно очекува од Македонија, освен уставните измени, во рамки на пристапниот процес кон ЕУ. На панел-дискусијата „Прашања на проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, Николоски потенцира дека Македонија и регионот со децении се борат за европските вредности и дека нема алтернатива освен членство во ЕУ и НАТО.
„Нашата земја се трансформира однатре со сопствени ресурси, но се обидуваме и да ги користиме меѓународните, преку соработка со ЕУ и САД. За регионот трговијата е практично без граници и работиме на низа инфраструктурни проекти кои го олеснуваат движењето на стоки и луѓе“, истакна Николоски.
Тој посочи дека клучните играчи во ЕУ треба да бидат фер и да испратат искрена порака за иднината на Македонија и регионот, нагласувајќи дека недостигот на политичка волја и неодговорните ветувања создаваат застој и несигурност.
„Поддршката за членство во ЕУ во регионот е сè уште висока, но мораме да ја видиме јасната визија на Унијата за нашата иднина. Ако може да реализираме 10 од 20 работи, тогаш треба да ги испорачаме, наместо да чекаме на следниот самит“, рече Николоски.
Во рамки на посетата, вицепремиерот оствари средби со регионални партнери, вклучувајќи го бугарскиот вицепремиер Гроздан Караџов, европскиот координатор за Коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран Мариан-Жан Маринеску и директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница Матеј Законшеќ. На средбите се дискутираа регионални инфраструктурни проекти кои ја поттикнуваат економската соработка и развојот на регионот, вклучувајќи изградба на нови гранични линии со Грција и железница со Бугарија, како дел од коридор 8.
Николоски потенцира дека економската соработка и крупните регионални проекти се клучот за развој и стабилност на Македонија и целиот регион, а поддршката за европска интеграција останува силна и неопходна за иднината на државата.

















