Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Русија се подготвува за долгорочна и сериозна конфронтација со Западот, градејќи сè потесна соработка со Кина, Северна Кореја и Иран. Според него, целта на Москва е да ги наруши западните општества и да ги поткопа глобалните правила кои обезбедуваат стабилност и безбедност.
Во воведното обраќање на тркалезната маса во Брисел, каде присуствуваат министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, Руте истакна дека Русија постојано ја тестира способноста на Алијансата за одвраќање и дека опасностите стануваат „реални и трајни“. Тој ги оцени руските активности како неодговорни и особено опасни за европската и глобалната безбедност.
Руте повторно нагласи дека Кремљ интензивно соработува со Пекинг, Пјонгјанг и Техеран, создавајќи мрежа на партнери кои заедно работат на поткопување на демократските системи и меѓународниот поредок. Истовремено, земјите од НАТО ги зголемуваат инвестициите во сопствената одбрана, но Руте истакна дека секоја членка мора рамномерно да го понесе својот дел од товарот.
Тој посочи дека Украина никогаш не била во поголема потреба од западна поддршка, особено во пресрет на зимата и продолжените руски напади врз клучната инфраструктура. На денешниот состанок меѓу министрите ќе се дискутираат мировните преговори меѓу САД, Русија и Украина, но и пошироките одбранбени предизвици со кои се соочува Алијансата.
Пред состанокот, Руте изјави дека е позитивно што се водат преговори за запирање на војната во Украина, но дека мора да се обезбеди Киев да влезе во потенцијален договор од најсилна можна позиција. Тој ги оцени разговорите во Москва меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како важен чекор напред, но не откри детали за следните потези.
И покрај петчасовните преговори во Москва, пробив во мировниот процес не беше постигнат. Страните оценија дека разговорите биле продуктивни, но територијалното прашање останува најголема пречка. Русија смета дека делови од американскиот мировен план се неприфатливи, иако Кремљ ја опиша средбата како конструктивна.
Во разговорите учествуваа Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои последните недели интензивираа дипломатски напори за завршување на конфликтот. Американската делегација не даде никакви изјави по отпатувањето од Москва.

















