Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека ќе се потруди да го усоврши албанскиот јазик кога ќе има повеќе време, по реакциите што следеа по нејзиниот повик до градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, да зборува и на македонски јазик за време на јавен настан. Таа за весникот „Вечер“ објасни дека нејзината намера не била навредлива, туку произлегла од недоразбирање за време на одговарањето на новинарските прашања.
Настанот се случил во неделата, на манифестација посветена на промоција на знаењето. Додека Касами одговарал на прашања на албански јазик, Јаневска му се обратила со зборовите: „Ве молам, градоначалник, накратко само, за да разбереме и ние кои не знаеме добро албански… кажете ни што зборувавте, ве молам.“
На ова, градоначалникот возвратил: „Да завршам на албански и ќе кажам и на македонски.“
Следниот ден, коалицискиот партнер ВРЕДИ реагираше остро, оценувајќи дека потегот на министерката бил спротивен на духот на соживот и почитување што треба да го промовира секој член на Владата. Тие порачаа дека непознавањето на албанскиот јазик не треба да предизвикува фрустрации и потсетија дека дури и странски дипломати кои престојуваат во земјава учат зборови на албански.
„Да бидеш министер, особено за образование, а да не знаеш ниту еден збор од јазикот на сограѓаните Албанци и притоа да реагираш на употребата на албанскиот јазик, е тешко да се оправда во едно мултијазично и демократско општество“, порачаа од ВРЕДИ.
Во својата реакција, Јаневска нагласи дека недоразбирањето настанало бидејќи мислела дека Касами ќе ги преведе одговорите подоцна, по завршување на сите прашања. Таа додаде дека уште од преземањето на функцијата активно промовира соживот и меѓуетничко разбирање: „Јас сум министер кој интензивно, па дури и агресивно, промовира соживот во државата. Ова е наша заедничка држава и секогаш сум го покажувала тоа и на дело. Разбирам по некој албански збор, но не сум сигурна дека секогаш добро го разбирам, затоа и побарав краток превод.“
Ова не е прв случај политичари од албанскиот блок да одговараат на прашања само на својот мајчин јазик. Досега повеќето тоа го правеле без реакции, но првпат министер од извршната власт јавно реагира на ваква ситуација.
Неодамна, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, исто така, одби да даде изјава на македонски јазик, објаснувајќи дека не го владее добро.
Случајот со Јаневска отвори нова дебата за јазичната рамноправност и вистинската практика на соживот во мултијазичното општество.
















