Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во Собранието одговори на првото пратеничко прашање упатено до него, поставено од пратеничката Сања Лукаревска.
Прашањето се однесуваше на епидемијата од западнонилска треска, со посебен фокус на мерките преземени за заштита на учениците и останатите ризични групи.
Клековски во одговорот ги презентираше мерките што се преземаат за контрола на комарците, како и активностите за лична заштита на населението.
Посебен акцент е ставен на лицата над 60-годишна возраст, кои претставуваат најризична демографска група, поради што кампањата за лична заштита е насочена токму кон нив.
Министерот нагласи дека пратеничките прашања се важен механизам за отчетност и директна комуникација со граѓаните преку нивните избрани претставници.
„Пратеничките прашања не се формалност — тоа е местото каде што министерот директно им полага сметка на граѓаните преку нивните избраници“, порача Клековски.
Тој ѝ се заблагодари на пратеничката Лукаревска за поставеното прашање, нагласувајќи ја важноста на отворената и транспарентна институционална комуникација.






