Здружението „16-ти Март 2025 – Кочани“, формирано од семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, бара одговори од институциите за реализацијата на спомен-обележјето во чест на 63-те загинати.
Од Здружението потсетуваат дека пред една година во Собранието бил прифатен амандман со кој биле обезбедени два милиони денари за подготовка и почеток на изградбата на меморијалот. Сепак, како што тврдат, на средба со министерот за култура им било кажано дека средствата биле пренаменети за други цели.
„Спомен-обележјето не е само проект. Тоа е место на сеќавање, достоинство и траен однос кон 63 прекинати животи“, порачуваат од Здружението.
Тие бараат одговор дали е донесена нова прераспределба на средствата, кога тие ќе бидат ставени на располагање и кога конечно ќе започне реализацијата на меморијалот.
Пратеникот Миле Лефков за ТВ24 изјавил дека не постојат пречки за реализација на проектот, но нагласил дека мора да се почитуваат законските процедури.
До емитувањето на прилогот, Министерството за култура не доставило одговор на поставените прашања.






