ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) Железниот мост во Велес крие неверојатна приказна стара повеќе од еден век

(ФОТО) Железниот мост во Велес крие неверојатна приказна стара повеќе од еден век

Железниот мост во Велес е еден од најпрепознатливите симболи на градот и веќе повеќе од еден век претставува важна врска меѓу централното градско подрачје и влезот во Велес. Изграден е во 1922 година од руски белогардејци, кои по Октомвриската револуција се населиле во тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.

Првично мостот бил наменет за железнички сообраќај, а подоцна добил и пешачка патека, со што станал дел од секојдневниот живот на велешани.

Неговата историја е тесно поврзана со Втората светска војна. На 8 ноември 1944 година, ден пред ослободувањето на Велес, германските сили при повлекувањето ги минирале Железниот мост, Стариот мост и Малото мовче, оставајќи го градот привремено поделен на два дела.

По завршувањето на војната започнала неговата обнова, која била завршена во 1949 година. Според историските сведоштва, реконструкцијата ја извршиле инженери кои претходно учествувале и во неговата изградба.

И покрај неговото огромно историско и културно значење, мостот денес се соочува со сериозни проблеми. Конструкцијата е зафатена од корозија, а локалните жители со години предупредуваат дека не е извршена темелна санација. Долгогодишниот железничар Наце Алексовски сведочи дека мостот не бил целосно заштитен и офарбан повеќе од четири децении.

Железниот мост не е само инфраструктурен објект, туку и дел од идентитетот на Велес. Неговото зачувување претставува обврска кон културното наследство и кон идните генерации, кои преку него можат да ја почувствуваат богатата историја на градот.