На денешното рочиште за случајот „Пулс“, деветмината обвинети полициски службеници се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
Според обвинителката Спасенка Андонова, обвинетите не ги спровеле неопходните проверки кои биле предуслов за издавање лиценца на дискотеката „Пулс“. Таа посочи дека не биле извршени проверки поврзани со нарушување на јавниот ред и мир, ниту контроли за сообраќајната безбедност и соодветното сообраќајно решение околу објектот.
Обвинителството смета дека токму поради овие пропусти била издадена согласност врз основа на која дискотеката добила лиценца за работа и продолжила да функционира и да остварува приходи.
Одбраната, пак, оцени дека станува збор за селективна правда. Адвокатите тврдат дека во предметот недостасуваат значајни писмени докази кои, според нив, покажуваат дека полицајците презеле активности во рамки на своите надлежности за да спречат евентуални последици.
Адвокатот Емил Нетков изјави дека не може да се смета за правда ако се настојува да се обвинат толку лица колку што имало жртви во трагедијата.
Судската постапка продолжува, а во наредниот период се очекува презентирање на дополнителни докази и сослушување на сведоци.








