ПРВ.мк
Македонија

ЈПДП СО ВАЖЕН АПЕЛ: Нов режим на патарините од 15 јуни - Еве што мора да знаете

ЈПДП СО ВАЖЕН АПЕЛ: Нов режим на патарините од 15 јуни - Еве што мора да знаете

Од полноќ, 15 јуни, официјално стапуваат во сила новите правила за користење на лентите на наплатните станици низ државата. Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека лентите означени за М-Таг отсега ќе бидат наменети исклучиво за корисниците кои поседуваат електронски уред за наплата.

Со новите измени се укинува можноста на овие ленти да се врши наплата со М-Кард, па возачите кои ја користат оваа картичка ќе мора да избираат други ленти предвидени за нивниот начин на плаќање.

Од ЈПДП апелираат возачите навреме да ја следат сигнализацијата и информативните електронски табли поставени пред наплатните станици, со цел да се избегнат непотребни застои и метеж.

Лентите отсега ќе бидат поделени според начинот на плаќање: за М-Таг, за М-Кард, како и за плаќање со готовина и М-Кард. Надлежните потсетуваат и на значењето на светлосната сигнализација – зелената стрелка означува дека лентата е отворена за сообраќај, додека црвениот икс значи дека лентата не е во функција.

Од претпријатието предупредуваат дека непочитувањето на новата организација може да предизвика застои, да ја намали ефикасноста на наплатата и да влијае врз безбедноста на сообраќајот, па затоа ги повикуваат сите возачи внимателно да ги следат ознаките при пристигнување на патарините.