ПРВ.мк
Македонија

НОВА АВИОЛИНИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА: Договорени директни летови Скопје – Дубаи од март 2027

НОВА АВИОЛИНИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА: Договорени директни летови Скопје – Дубаи од март 2027

Од март 2027 година Скопје ќе добие директна авиолинија со Дубаи, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

Според Николоски, договорот бил постигнат по денешната средба со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Македонија, а директните летови на релацијата Дубаи – Скопје треба да ги реализира авиокомпанијата „Флајдубаи“.

„Се договоривме дека со почетокот на новата сезона на летање, односно од март 2027 година, ќе се лета директно од Дубаи за Скопје. Тоа е веќе договорено и ‘Флајдубаи’ ќе почне во март 2027 година да лета директно од Дубаи до Скопје“, изјави Николоски.

Тој оцени дека новата линија може значително да придонесе за развојот на туризмот и деловната соработка меѓу Македонија и ОАЕ, особено затоа што летовите ќе започнат во период кој е надвор од главната летна туристичка сезона.

Паралелно се водат разговори и за воспоставување директна авиолинија меѓу Охрид и еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати.

Според Николоски, во игра се Абу Даби и Шарџа, а разговорите сè уште не се завршени. Тој изрази очекување дека и оваа линија би можела да биде договорена, со цел дополнително привлекување туристи во Охрид и Македонија.

Министерот потсети и на воведувањето безвизен режим меѓу Македонија и ОАЕ, како и на разговорите за инвестиции и зголемување на економската соработка меѓу двете земји.